НОВ ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРИДОНЕСИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ

Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е објавен во „Службен Весник на РМ“ број 247/2018 oд 31.12.2018 година и со овој Закон се врши постепено зголемување на стапките за пресметување и плаќање на придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и за задолжително здравствено осигурување. Имено, стапката на придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување првично во 2019 година се зголемува за 0,4%, а стапката на придонесот за задолжително здравствено осигурување за 0,1% сметано во однос на понапред постојниот важечки Закон, а сметано од 2020 година стапката на придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се зголемува за 0,8%, додека пак стапката на придонесот за задолжително здравствено осигурување за 0,2% сметано од уредените стапки во понапред постојниот важечки Закон.

Имајќи го предвид вака наведеното, стапки по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите во 2019 година се:

1) 18,4% за задолжително пензиско и инвалидско осигурување;

2) 4% стапка на придонес за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест;

3) 7,4% за задолжително здравствено осигурување;

4) 10% за задолжително здравствено осигурување за обврзниците кои придонесот го плаќаат на основица утврдена во членот 14 точки 11) и 14) алинеи 1, 2, 3 и 5 од овој закон;

5) 5,4% за задолжително здравствено осигурување за обврзниците кои придонесот го плаќаат на основица утврдена во членот 14 точка 14) алинеја 4 од овој закон;

6) 13% за задолжително здравствено осигурување за обврзникот корисник на домашна пензија кој придонесот го плаќа на износот на пензијата;

7) 0,5% стапка на дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување и

8) 1,2% за задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност;

додека пак стапката на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување за стажот на осигурување што се смета со зголемено траење во 2019 година изнесува:

– 9,2% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци,

– 7,67% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци,

– 6,13% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци,

– 4,6% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци,

– 3,07% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци и

– 1,53% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци. “

Стапки по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите сметано од 2020 година се:

1) 18,8% за задолжително пензиско и инвалидско осигурување;

2) 4% стапка на придонес за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест;

3) 7,5% за задолжително здравствено осигурување;

4) 10% за задолжително здравствено осигурување за обврзниците кои придонесот го плаќаат на основица утврдена во членот 14 точки 11) и 14) алинеи 1, 2, 3 и 5 од овој закон;

5) 5,4% за задолжително здравствено осигурување за обврзниците кои придонесот го плаќаат на основица утврдена во членот 14 точка 14) алинеја 4 од овој закон;

6) 13% за задолжително здравствено осигурување за обврзникот корисник на домашна пензија кој придонесот го плаќа на износот на пензијата;

7) 0,5% стапка на дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување и

8) 1,2% за задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност;

додека пак стапката на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување за стажот на осигурување што се смета со зголемено траење сметано од 2020 година изнесува:

– 9,4% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци,

– 7,83% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци,

– 6,27% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци,

– 4,7% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци,

– 3,13% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци и

– 1,57% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци.

Исто така, покрај понапред наведените измени, со овој Закон се дополнува:

– член 7 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со нова точка, согласно која физичкото лицe коe е регистриранo како вршител на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишан во регистарот на Комората на трговци на Македонија, доколку не е осигурен по друг основ, се пропишува како обврзник за плаќање на придонесот за задолжително пензиско осигурување;

– член 8, така што како обврзник за плаќање на придонесот врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест се пропишува и лице кое е на практикантска работа;

– член 10, каде како обврзник за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување се дефинира и физичкото лицe кое е регистрирано како вршител на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишан во регистарот на Комората на трговци на Македонија, доколку не е  осигурен по друг основ; како и децата со пречки во развојот и со специфични потреби за кои се користи право на посебен додаток согласно закон, доколку истите не се осигурени по друг основ;

– член 11, на начин што се уредува дека обврзник за плаќање на дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување е и лице кое е на практикантска работа; и

– точката 1) од член 13, каде се пропишува дека работодавачот е обврзник за пресметка и уплата на придонесот за лицата кои се на практикантска работа; а воедно и Комората  на трговци на Македонија се дефинира како обврзник за пресметка на придонесите за лицата кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишани во регистарот на Комората на трговци на Македонија, а се уредува дека обврзници за уплата на придонесите се лицата сами за себе.

Понатаму, во овој Закон се уредува основицата за плаќање на придонесот за здравствено осигурување за лицата кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишани во регистарот на Комората на трговци на Македонија и основицата за пресметка и уплата на придонесите ќе изнесува 20% од просечно исплатената месечна плата по работник во Републиката објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика; а воедно се уредува и основицата за децата со пречки во развојот и со специфични потреби, доколку не се осигурани по друг основ, па надлежниот орган ќе биде должен придонесот за задолжително здравствено осигурување да го уплатува на основица од 50% од просечно исплатената месечна плата по работник во Републиката објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Имено, законските одредби поврзани со пресметката и плаќањето на придонесите за лицата кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишани во регистарот на Комората на трговци на Македонија, ќе отпочнат да се применуваат од 1 јули 2019 година. Лицата кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување по еден од основите уредени во законот, придонесот за здравствено осигурување ќе го плаќаат на двојно пониска основица, односно на 50% од просечно исплатената месечна плата по работник во Републиката, наместо на просечната плата објавена во јануари според податоците од Државниот завод за статистика.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *