Во Службениот Весник на Република Северна Македонија број 96/19 од 17.05.2019 година е објавено Автентично толкување на членот 14 став 3 точки 1 и 5 од Законот за данокот на додадена вредност.
Имено, одредбата на членот 14 став (3) од Законот за данокот на додадена вредност гласи:
„(3) По исклучок од став 1 на овој член, за место на прометот на услугата се смета местото во кое корисникот на услугата има вистинско седиште или подружница за кои услугата била вистински извршена, или доколку такво место не постои, неговото постојано живеалиште или престојувалиште, кога се работи за следниве услуги:
1. Услуги на полето на рекламата и работа со јавноста;
2. Банкарски и финансиски услуги и услуги на осигурување и реосигурување, освен изнајмувањето сефови;
3. Преземање обврска за делумно или целосно воздржување од вршење на некое дејствие или да се трпи некое дејствие или состојба;
4. Правен, економски и технички консалтинг, особено дејностите на нотари, адвокати, ревизори, даночни советници, сметководители и инженери, како и други слични дејности;
5. Услуги на електронска обработка на податоци и давање информации, вклучувајќи know-how и експертиза;
6. Обезбедување персонал;
7. Изнајмување движен материјален имот, освен на сите видови превозни средства;
8. Телекомуникациски услуги;
9. Пренос и отстапување авторски права, патенти, лиценци, заштитни знакови и други слични права;
10. Услуги на посредување во врска со услугите од овој став и
11. Обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови.“.
Согласно даденото Автентично толкување, одредбата на членот 14 став (3) точка 1, треба да се толкува, така што, под услуги на полето на рекламата и работа со јавноста, се подразбираат и следниве услуги: услуги за грижа на корисниците во насока на унапредување на продажбата, дигитален маркетинг, таргетирање на потенцијални клиенти, креирање на промотивен материјал, менаџирање на социјални медиуми (креирање, поддршка и извршување на стратегија); а одредбата на членот 14 став (3) точка 5, треба да се толкува, така што, под услуги на електронска обработка на податоци и давање информации, вклучувајќи know-how и експертиза се подразбираат и следниве услуги: техничка поддршка за сетирање на софтвер, техничка поддршка за сетирање на хардвер, далечински автоматизирани технички услови, интервенција во бази на податоци: внес, дополна, измена, управување, ажурирање на податоци на веб страницата, позадинско административно работење, креирање извештаи.
Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.
Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk