ДОНЕСЕН И СТАПЕН ВО СИЛА ЗАКОНОТ ЗА ПРАКТИКАНСТВО

На ден 21.05.2019 година во Службен Весник на Република Северна Македонија број 98/19 е објавен Законот за практиканство, кој стапи на сила на ден 29.05.2019 година.

Имено, во Законот за практиканство се предвидува можноста за вршење на практиканска работа на практикант кај работодавач, во ограничен временски период, со цел стекнување на практично и професионално искуство, за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување, меѓутоа по различна основа од уреденото за вршење на приправнички стаж, волонтерски стаж и пробна работа согласно со Законот за работните односи, како и обука, преквалификација и доквалификација согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

Согласно Законот за практиканство, практикант може да биде лице кое:

– не е во работен однос, 

– не е постаро од 34 години и 

– има завршено најмалку основно образование;

а потребата од практикант работодавачот ја обезбедува по пат на јавен оглас објавен на својата интернет страница и/или на интернет страницата на Агенцијата за вработување на Република Македонија или друг јавен медиум, којшто содржи информации за условите за практикантската работа.

Периодот на траење на практикантска работа кај еден работодавач може да изнесува до шест месеци и воедно кај ист работодавач практикантска работа може да се врши само еднаш од исто лице.

Исто така со законот е предвиден и максималниот број на практиканти кои можат да реализираат практикантска работа кај еден работодавач во исто време и тоа согласно бројот на вработени лица на неопределено време на денот на пријавување на практикантот кај работодавачот, односно:

– од еден до пет вработени – еден практикант, 

– од шест до 10 вработени – до два практиканта, 

– од 11 до 50 вработени – до четири практиканти, 

– од 51 до 150 вработени – до осум практиканти, 

– од 151 до 250 вработени – до 15 практиканти, 

– од 251 до 500 вработени – до 30 практиканти и 

– над 500 вработени – до 50 практиканти.

Практикантот за време на практикантската работа кај работодавачот има право на месечен надоместок кој се исплаќа од страна на работодавачот во нето износ за полно работно време во зависност од времетраењето на периодот на практикантската работа и тоа: 

– од 42% до 74% од минималната нето плата, утврдена согласно со закон, за практикантска работа до три месеци и 

– во висина на минималната нето плата утврдена согласно со закон, за практикантската работа над три месеци, сметано од четвртиот месец;

а надоместокот за практикантската работа на практикантот, работодавачот е должен да го исплати најдоцна до 15 во тековниот месец за претходниот месец.

Доколку практикантската работа, согласно со договорот за практикантската работа, се реализира во период пократок од полното работно време, надоместокот за практикантската работа ќе се пресметува пропорционално на времето поминато на практикантската работа.

Договорот за практикантска работа престанува: 

– со истекот на рокот за кој е склучен договорот, 

– со спогодбено раскинување, 

– при намалување на бројот на вработени лица на неопределено време кај работодавачот за време на ангажирани практиканти, доколку не го надополни бројот на вработени во рок од 15 дена од денот на намалување на бројот на вработени, освен во случаите на смрт или пензионирање на вработено лице или 

– со вработување на практикантот.

Практикантот може да го раскине договорот пред да истече времето за кое е склучен, со писмена изјава без обврска за наведување на причината за раскинување на договорот, освен во случај кога раскинувањето може да предизвика штетни последици во работењето на работодавачот или на трети лица; а работодавачот може да го раскине договорот за практикантска работа:

– со престанување на потребните услови за практикантска работа, 

– кога ќе констатира дека практикантот не ги исполнува договорените обврски или 

– со вработување на практикантот.

Договорот за практикантска работа може да се раскине во рок од најмалку пет дена од доставување на писмената изјава за раскинување од едната договорна страна до другата договорна страна.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *