На 18.06.2019 година во Службен Весник на РСМ број 124/19 е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина.
Со дополнувањето и измените на овој закон, се врши измена на член 2 од Законот и тоа на начин што се прецизира дека Законот за финансиска дисциплина нема да се применува на економските оператори од приватниот сектор над кои се водат постапки согласно со Законот за стечај, а во претходниот случај ваквата одредба ги опфаќаше само економските оператори од приватниот сектор над кои е отворена постапка за стечај. Чисто за појаснување, од примената на овој закон се изземени економските оператори од приватниот сектор за кои е поведен предлог за стечајна постапка, кои се во фаза на претходна постапка, во стечај, во постапка за реорганизација итн.
Понатаму, во член 5 став 2 точка 4, став 3 и став 4, како и во член 7 став 1 точка 4 од основниот Закон се врши дополнување и тоа на начин што за определувањето за почнување на сметање на рокот за плаќање, односно продолжување на рокот за плаќање до 120 дена во договорите помеѓу економските оператори од приватниот сектор, покрај барањето за изречна писмена согласност од двете страни, потребно е истото да не е значително нефер кон доверителот во смисла на членот 10 став (3) од Законот за финансиска дисциплина, а воедно е уредено и дека економските оператори од приватниот сектор се должни да ја исполнат паричната обврска во роковите утврдени со Законот за финансиска дисциплина, без претходно потсетување или опомена од страна на доверителот.
Со измената во членот 8 став 1 од основниот закон за финансиска дисциплина се намалува надоместокот на кој доверителот има право за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот и тоа од 3.000,оо денари на износ од 2.400 денари. Воедно, и ставот 2 од истиот член е дополнет и тоа на начин што е прецизирано дека правото на надоместок за доцнењето не го исклучува правото за надоместок на трошоците кои доверителот има право да ги побарува врз основа на договор или други прописи, како и на казнена камата која се пресметува и наплатува согласно со закон без потреба од претходно потсетување или опомена од страна на доверителот.
Во член 10 став 3 од Законот се дефинира што се се зема предвид при утврдувањето дали условите од договорот се значително неправедни и нефер кон доверителот и тоа на начин што е дефинирано дека се земаат предвид сите околности на конкретниот случај, а особено добрата трговска пракса, начелото на совесност и чесност, природата и специфичноста на производот или услугата и сразмерот на правата и обврските.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина се менува и органот за надзор врз примената на законот и тоа наместо Управата за јавни приходи, сега орган за надзор е всушност Министерството за економија – Државен пазарен инспекторат, кој орган е надлежен за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка.
Глобите во износ од 10.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок на субјектот од јавен сектор и економски оператор од приватниот сектор – трговско друштво, трговец поединец и правно лице кое врши профитна дејност доколку не ја исполнат паричната обврска во роковите определени со законот или пак цесијата, асигнацијата, преземањето или пристапувањето кон долг, компензацијата и други слични облигациони договори ги користат на начин кој ќе предизвика одложување на исполнувањето на паричните обврски во согласност со утврдените рокови во законот, како и 30% од одмерената глоба за одговорното лице во економски оператор од приватниот сектор и на одговорното лице во субјектот од јавниот сектор, остануваат непроменети.
Примената на овие одредби започнува на 25.08.2019 година.
Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.
Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk