НОВА УРЕДБА за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- 19 за исплата на плата за месеците април и мај – 2020 година

На ден 28.04.2020 година стапи во сила новата Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, а на 01.05.2020 година стапи во сила и Уредбата со законска сила ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ на Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година. Со стапувањето на сила на оваа нова Уредба, престана со важност Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година од 07.04.2020 година.

Новитети со оваа Уредба (вклучувајќи ги и измените и дополнувањата на истата), се следните:

1. Воведена е можноста за работодавачите кои користат субвенционирање на исплата на придонеси од заддолжително социјално осигурување, да може да аплицираат и за мерката Финансиска поддршка за исплата на платите, доколку вршат некоја од следните дејности согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев.2:

* угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна);

* туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување); и

 * транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и 52 – складирање и помошни дејности во превозот). Работодавачот вршител на наведените дејности треба за 2018 и 2019 година да нема искажано загуба после оданочување и да нема неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листа на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29 февруари 2020 година да не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен регистар/биро;

2. Изменета е обврска на работодавачите за ненамалување на бројот на вработените за време на користењето на оваа мерка и тоа на следниот начин:

За времетраење на финансиската поддршка согласно новата уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, во однос на бројот на вработени во месец април 2020 година, не смее да се намалува, освен заради:
– пензионирање и смрт на работник,
– откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
– откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
– спогодбено преземање на работник,
– престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
– престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа; па согласно истото:

вкупниот број на вработени кај работодавачот – корисник на финансиска поддршка не смее да се намали заклучно со месец јули 2020 година за повеќе од:
– 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,

– 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка; и
– 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
Доколку намалениот број на вработени пресметан на понапред наведениот начинот е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време; како и

3. Новитети во однос на делот за обврската за враќање на примените средства со оваа финансиска мерка и тоа на начин што:

– Финансиската поддршка за исплата на плати е неповратна за работодавач-корисник на финансиска поддршка кој вработува до 250 вработени, кој:

  • во последните 2 години искажал добивка после оданочување,
  • не се наоѓа на листата на должници согласно со последната објавена Листа на должници на доспеани и неплатени долгови на Управата за јавни приходи на денот на поднесување на барањето,
  • заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен регистар/биро,
  • ќе докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за:

а) инвестиции во вработени:

– обука на вработените во области како што се маркетинг и брендирање, финансиско управување, подобрување на производството, истражување и развој, дигитални вештини и надградба и слични обуки,

– обука на вработените за управување како што е бизнис менаџмент, стратегија, корпоративно управување или која било активност дефинирана под обука на вработените за целите на вршење на дејноста.

б) оперативни подобрувања на компанијата:

– набавки поврзани со надградба на производството (на пр. подобрување на производство и дизајнирање на процеси), маркетинг и брендирање, промена на деловниот модел, дигитална трансформација (автоматизација, онлајн трговија), нова експанзија на пазарот, развој на нов производ и слични набавки,

– воведување на акредитирани нови стандарди, набавки на патенти, авторски права, трговски марки и други права од интелектуална сопственост,

в) продуктивен капитал:

– набавки на опрема и други средства кои се користат за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на работењето, опрема поврзана со производството,

– компјутери и друга соодветна опрема, софтвер, опрема за транспорт и слични набавки во функција на вршење на дејноста.

ВАЖНА НАПОМЕНА Е ДЕКА: Наведените набавки работодавачот корисник на финансиска помош треба да ги изврши до крајот на 2020 година. Исто така овие набавки не треба да бидат набавки за целите на вообичаените деловни активности на компанијата (пример: плати, канцелариски трошоци, трошоци за одржување, комунални трошоци, трошоци за сметководство и правни работи, за усогласеност и владини такси), трошоци за финансирање, изнајмување, продажни активности /рекламирање, репрезентација, трговски изложби/, набавки за одржување на постојниот софтвер, набавки за одржување на постојните сертификати во индустријата и слични тековни набавки (трошоци); како и новитет во однос на:

б) Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати и кој не искажал даночна основа за оданочување во Даночниот биланс, износот на примена финансиска поддршка за исплата на плати НЕМА да го врати во Буџетот на Република Северна Македонија, доколку нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси.

УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ на финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое се остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот, СЕ СЛЕДНИТЕ:

а) намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи, кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишани во соодветен регистар (основање) после месец март 2019 година, намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните вкупни приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните вкупни приходи намалени за одделните еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во МПИН образецот на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од 28.04. 2020 до денот на  исплата на платата за месец мај 2020 година; и

в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка. Така доколку работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите за барање на финансиска поддршка.

ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ОПРЕДЕЛЕНИ РАБОТНИЦИ, ОДНОСНО ЗА КОИ РАБОТНИЦИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ОВАА МЕРКА ОД СТРАНА НА РАБОТОДАВАЧОТ:

а)Работникот чија нето платата за последните три месеци пред поднесување на Барањето за финансиска поддршка,  е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време) или доколку засновал работен однос за време пократко од три месеци, нето платата на работникот е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно за периодот за кој е пријавен во работен однос, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време); и

б) работодвач кој користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба;

в) работодавач кој користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“); и

г) работодавач кој  вработува работник за дополнително работење, што значи работник кој што има склучено договор за вработување со неполно работно време за најмногу до 10 работни часа неделно, а во исто време е вработен со полно работно време кај друг работодавач  согласно со членот 121 од Законот за работните односи.

Финансиска поддршка за исплата на плати НЕ МОЖЕ да користат и:

-сопственик/основач на работодавачот-барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка;

– орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје; и

– приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од Јавниот сектор.                      

Случаи во кој постојат обврски за враќање на средствата добиени како  финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- 19 за исплата на плата за месеците април и мај – 2020 година:

  1. Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата согласно Законот за даночна постапка, доколку после извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за користење на оваа мерка, не ги почитува ограничувањата за користење на финансиска поддршка за определени работници односно за кои рабоотници не може да се користи оваа мерка од страна на работодавачот, како и огранилувањето во однос на тоа кој работодавачи НЕ МОЖЕ да ја користат оваа мерка и доколку работодавачот отпуштил повеќе од предвидениот број на работници кој треба да го задржи доколку ја користи мерката за финансиска поддршка за исплата на плата за месеците април и мај 2020 година. Условите и ограничувањата за користење на мерката се наведени понапред во ова образложение на мерката за Финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- 19 за исплата на плата за месеците април и мај – 2020 година.
  1. Исто така, доколку работодавачот го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но:

– најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка;

– за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година; односно

– за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели во годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на износот во овие ситуации  ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Ослободување од враќање на средствата добииени како финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- 19 за исплата на плата за месеците април и мај – 2020 година се наведени во образложение во делот новитети во донесената Уредба, која стапи на сила на ден 28.04.2020 година.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk.

Образложението на донесените прописи е дадено од правник Блаже Ајтов и Адвокат Наташа Атанасовска

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *