НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКРШОЦИТЕ ОБЈАВЕН ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК БРОЈ 96/19 од 17.05.2019 ГОДИНА

На ден 17.05.2019 година во Службен Весник на Република Северна Македонија број 96/19 е објавен новиот Закон за прекршоците, кој стапува на сила на ден 25.05.2019 година.

Воедно, една од промените во новиот Закон за прекршоците е промената во оснос на намалувањето на висината на глобите за правните и физичките лица, како и начинот на одмерување на глобите.

Имено, како прекршочни санкции за физичките лица се пропишани следните санкции: 1) опомена; 2) општокорисна работа 3)глоба; 4)негативни поени; 5)престанок на важење на возачка дозвола; 6) забрана на управување со моторно возило; 7) забрана на вршење професија, дејност или должност; 8)протерување на странец од земјата,  9)забрана за влез и присуство на спортски натпревари и 10)забрана  на користење на субвенции и други средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија. Имено, во постојниот Закон за прекршоците, забраната за користење на субвенции и други средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија, не беше пропишано како санкција, а согласно препораките и забелешките од Европската комисија, се избришани како санкции задолжително  лекување  на  алкохоличари  и  наркомани (лица  со  болести  од зависности) и задолжително психијатриско лекување на слобода.

Глобата за физичко лице е утврдена во распон од 15 до 250 евра во денарска противвредност, а за одговорно лице во правно лице и службено лице глоба во распон од 15 до 500 евра во денарска противвредност, освен во случаи кога со друг закон кој се усогласува или е усогласен со законодавството на Европската унија не е поинаку определено. За прекршоци од специфични области, а заради заштита на јавниот интерес пропишани се повисоки глоби срезмерно на степенот на општествената опасност и објектот на заштита. Рокот за доброволно  плаќање на глобата  е определен на 30 дена од денот на правосилноста на одлуката.

Како прекршочни санкции за правните лица се пропишани следните санкции: опомена, глоба и  привремена забрана за вршење одделна дејност. Имено, во Законот е превидена глоба за правни лица која не може да биде:

-помала од 50 евра ниту поголема од 1000 евра во ден.противвредност за микро трговци, 

-помала од 50 евра ниту поголема од 2000 евра за мали трговци,

-помала од 250 евра ниту поголема од 6000 евра за средни трговци,

-помала од 250 евра ниту поголема од 10000 евра за големи трговци;

а за прекршоци од областа на:

-даноците, царините, јавни набавки, јавни финансии и јавен долг може да се пропише глоба најмногу во двократен износ од наведените ставки;

– заштита на здравјето на луѓето, природни богатства, животна средина, културно наследство, заштита од природни и други непогоди, може да се пропише глоба во трикратен износ од наведените ставки;

како и за прекршоци сторени од:

– користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета, може да се пропише глоба до двојниот износ од максимумот на оваа санкција или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, најмногу до десеткратен износ.

За одредени прекршоци од областа на конкуренцијата, енергетиката, електронските комуникации и трговијата со забранети и/или ограничени стоки за употреба или во други области кои се усогласени или се усогласуваат со законодавството на Европската унија, може да се пропише глоба во процентуален износ, но најмногу до 10% од приходот на правното лице остварен во претходната фискална година. 

Одмерувањето на висината на глобата ќе се врши врз основа на 3 критериуми и тоа: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечниот број на вработени врз основа на состојбата на крајот на месецот за месецот во кој е сторен прекршокот и претходно санкционирање на сторителот.

Со новиот закон е определен рокот на траењето на привремена забрана за вршење одделна дејност и тоа ако ја  изрекол  судот истата изнесува од три месеци до 2 години, а ако ја изрекол прекршочниот орган  истата изнесува од три дена до 30 дена.

Имено, како во однос за физичките лица, така и во однос за правните лица и со новиот закон е предвидено да може да се изрече опомена. Опомената може да се изрече за прекршок сторен под особено олеснувачки  околности,  ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната  обврска или  со  прекршокот  е  нанесена  штета,  а  сторителот  пред донесувањето на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета или ако прекршокот е сторен за прв пат и не предизвикал штетни последици за трето лице, ниту пак бил загрозен јавниот интерес.

Во однос на застареноста, рокот на застареност  на поведување и водење на прекршочната постапка  изнесува 3 години; за прекршоците од областа на даноци, јавни давачки, царини и јавни набавки не може да се поведе ниту да се води прекршочна постапка ако поминат четири  години од денот кога е сторен прекршокот; а за прекршоците од областа на конкуренцијата, енергетиката, трговија со забранети и/или ограничени стоки за употреба, областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културното наследство, заштита од природни и други непогоди, електронски комуникации, или придобивка  на имотна корист од користољубие не може да се поведе ниту да се води прекршочна постапка ако поминат пет  години од денот кога е сторен прекршокот.

Рокот  за застареност на извршување на прекршочните санкции изнесува 3 години, но со  закон  со  кој  се  пропишува  прекршокот,  може  за  одделни  санкции  да  се определат рокови на застареност на извршување подолги, но најмногу до пет години. Застареност на прекршочното гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на прекршочното  гонење односно извршување.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *