НОВ ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

На 16.12.2020 година е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП), кој стапи во сила на ден 26.12.2020 година.

Имено, со овој Закон се врши бришење на мандатниот платен налог и воедно опцијата за впишување на поени во сообраќајната книшка, во случај на сторување на прекршок од страна на физичко лице, односно истиот се заменува со издавање прекршочен платен налог и изрекување на глоба.

Во однос на прекршоците направени од страна на правните лица се предвидуваат глоби во распон, имајќи ја предвид големината на правното лице (за микро трговци; за мали трговци; за средни трговци и за големи трговци), односно се врши измена на фиксните утврдени парични глоби за правните лица, при што со новиот Закон се уредени парични глоби кои се одредуваат во зависност од големината на правните лица. Воедно, согласно измените во Законот, глобите за одговорното лице во правно лице се со фиксен износ од 500 ЕУР во денарска противвредност за сторениот прекршок од правните лица, наместо досегашното сразмерно утврдување на износот во зависност од висината на глобата за правното лице, односно досегашното 30% од висината на глобата за правното лице.

Како друг новитет во ЗБСП е уредувањето во сообраќајот на електричните тротинети, при што како задолжителни обврски за возачот на електричен тротинет се предвидени следните обврски:

  • На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна;
  • Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци;
  • Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, се пропишува во измените,  тие се должни да се движат еден зад друг;
  • Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по десната велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот;
  • На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, уредени и обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки, тие се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата;
  • Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h, односно со брзина поголема од 6 km/h по тротоар, пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци;
  • Електричен тротинет може да управува лице кое навршило најмалку 14 години возраст;
  • Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на тротинетот;
  • Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на тротинетот; и
  • Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото, како ни да води животни.

Имено, во случај на непочитување на некои од овие законски обврски, предвидени се глоби како за сторителот, така и евентуално за старателот на малолетниот возач, во висина од 80 до 120 ЕУР.

Истовремено, со донесувањето на овој закон, се зголемува и старосната граница во поглед на важењето на возачката дозвола, односно на лицата кои во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 70 години возраст, возачка дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 75 години возраст.

Со новите измени, се предвидува и правото да полициските службеници исклучат возило од сообраќај и привремено да го одземат возилото, во случај кога возилото предизвикува голема бучава, која сериозно го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и во случај кога за возилото е изминат рокот на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци и тоа:

– исклучување на возило од сообраќај и привремено да одземање на возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена; и

– доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.

Исто така, со цел санкционирање на учесниците во сообраќајот – возачи, кои почесто се јавуваат во улога на сторители на прекршоци во сообраќајот за кои е предвидена мерка забрана за управување на моторно возило за одреден период, е предвидено изрекување на санкција – престанок на важење на возачка дозвола од категоријата за која им била изречена прекршочната санкција – забрана за управување, доколку во период од една година од денот на правосилноста на одлуката, сториле друг сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило, изречена за истата категорија.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *