СЛУЧАИ ВО КОИ ПОСТОЈАТ ОБВРСКИ ЗА ВРАЌАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ДОБИЕНИ КАКО ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА МЕСЕЦИТЕ МАЈ И АПРИЛ 2020 СО МЕРКИТЕ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ЗДРАВСТВЕНО – ЕКОНОМСКАТА КРИЗА

1. МЕРКА: Финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- 19 за исплата на плата за месеците април и мај – 2020 година

Работодавачите кои користеле финансиска поддршка за исплата на плати за вработените за месеците април и мај – 2020 година во одредени случаи се должни да ги вратат средствата кои ги искористиле од буџетот на државата.

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку:

– После извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за користење на оваа мерка, односно доколку не го исполнувал следното:

a) намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од 07.04.2020 година до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година;

в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка (доколку работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите кои се предвидени со Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено  – економската криза од вирусот COVID- 19 со законска сила на Влада на РСМ;

како и доколку се утврди дека истиот бил:

г) орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и

д) приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од Јавниот  сектор.

Исто така, доколку работодавачот го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но:

– најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка;

-за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година; односно

-за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Пример: доколку работодавачот користел финансиска поддршка за еден вработен и остварил „добивка“ во висина од 29.000,оо денари е должен да врати само 14.500,оо денари (половина од вкупно финансираниот износ за месеците април и мај 2020 година), а доколку остварил „добивка“ најмалку 58.000,оо денари е должен да го врати целиот вкупно финансиран износ во висина од 29.000,оо денари.

Враќањето на износот во овие ситуации  ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

2МЕРКА: Финансиска поддршка на физичките лица кои вршат САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ, погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- предизвикна од COVID 19 за време на вонредна состојба

Физичкото лице кое врши самостојна дејност и кое користело финансиска поддршка за исплата на финансиски средства согласно Уредбата за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ, погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- предизвикна од COVID 19 за време на вонредна состојба, должно е да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека физичкото лице кое врши самостојна дејност не ги исполнило условите:

-намалувањето на вкупните приходи на физичкото лице од вршење на самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, во месец март 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност во 2019 година;

– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое е запишано во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи од самостојна дејност, за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година;
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи од самостојна дејност за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи од самостојна дејност за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

– во 2019 година на годишно ниво да има остварено нето доход пред оданочување во износ помал од 478.800 денари, односно се оданочувало според утврден годишен паушален нето доход и во 2019 година има утврден годишен паушален нето доход помал од 478.800 денари; и

 за времетраење на финансиската поддршка и четири месеци по престанувањето на важењето на Уредбата, физичкото лице кое врши самостојна дејност – корисник на финансиска поддршка не престанало со вршење на дејноста, освен во случај на пензионирање и смрт на физичкото лице.

Физичкото лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход – барател на финансиска поддршка кое го искористило правото на финансиска поддршка, согласно Уредбата за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ, погодени од здравствено – економската криза од вирусот COVID- предизвикна од COVID 19 за време на вонредна состојба, должно е примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат за 2020 година, пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност, односно пример доколку искажаниот финансиски резултат за 2020 година, пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност е 29.000,оо денари, е должно да врати само 14.500,оо денари (половина од финансираниот износ), а доколку остварило пример најмалку 58.000,оо денари, должно е да го врати целиот финансиран износ во висина од 29.000,оо денари.

Враќањето на износот, ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

3.МЕРКА: Покривање на 50% од придонесите на платите на своите вработени – Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на водредна состојба

Работодавачот кој користел субвенција за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за користење на мерката покривање на 50% од придонесите на платите на своите вработени, врз основа на решение за утврдена неправилност, односно доколку не ги исполнувал следните услови:

а) намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт;

в) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешнос (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од 06.04.2020 година до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година;

г) Работодавачот не користел финансиска поддршка заради исплата на нето плата во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и мај 2020 година согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година; и

д) Работодавачот за истиот вработен не користел субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Работодавачот е должен  да го врати износот на субвенции за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија.

Работодавачот кој го искористил правото на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, должен е примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од:

– остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс;

– остварениот финансиски резултат од Билансот на успех (добивка пред оданочување) за 2020 година за обврзниците кои се во режимот на годишен данок на вкупен приход; односно

– износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во образецот Б, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати без камата во месец април, мај и јуни 2021 година.

Доколку работодавачот не ги вратил средствата во Буџетот на РСМ според условите предвидени во Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба која стапи на сила на 06.04.2020 година, Управата за јавни приходи ќе изврши наплата по службена должност.

4. МЕРКА: Ослободување од плаќање на износот на аконтаците на данокот на личен доход

Обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност, а кои имаат претрпено штети во своето работење заради ширењето на Коронавирусот COVID-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај – 2020 година.

Даночниот обврзник кој го искористил правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, а не ги исполнил условите кои се предвидени за ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на личен доход утврдени со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данок на личен доход за време на вонредна состојба која стапи на сила на 26.03.2020 година, има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на доход од вршење на самостојна дејност што не ги платил со камата во висина од  0,015% за секој ден задоцнување.

5. МЕРКА: Ослободување од плаќање на износот на аконтаците на данокот на добивка

Обврзниците на данокот на добивка кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година. Ова право на обврзниците е уредено со Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добива за време на вонредна состојба која стапи на сила на 26.03.2020 година.

Даночниот обврзник кој го искористил правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка, а не ги исполнил условите за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка уредени со Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добива за време на вонредна состојба, има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на добивка што не ги платил со камата во висина од  0,015% за секој ден задоцнување.

6. МЕРКА: Безкаматни кредити од Развојната банка на РСМ

Развојната банка на РСМ овозможува директна финасиска поддршка на трговски друштва и трговци поединци регистрирани во Република Северна Македонија од Посебниот кредитен фонд, со намена за обртни средства вклучително и средства за подобрување на ликвидноста на компаниите.

Корисниците на кредит, обезбедување на кредитот вршат со Меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула. Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.

Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува фиксно на износ од 0% на годишно ниво.

Рокот на отплата на кредитот е ДО ДВЕ ГОДИНИ со вклучен ГРЕЈС ПЕРИОД ОД ШЕСТ МЕСЕЦИ.

Доколку Ви се потребни дополнителни информации и консултации во врска со објавеното, слободно контактирајте не тука.

Извор на објавени прописи: www.slvesnik.com.mk.

Образложението на донесените прописи е дадено од правник Блаже Ајтов и Адвокат Наташа Атанасовска

Share via:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *